НЕМА ВИСТИНА БЕЗ БОГА
Идентитетот на Ромите во рамките на научно-теориските парадигми
Од Др. Рајко Дјуриќ
Објавено 2011
Превод 2012
Идентитетот се дефинира како релација, која означува однос помеѓу два објекта. Релациите не постојат самостално. По дефиниција, изложена од академик Михаило Марковиќ во книгата „Дијалектичка теорија на значењето“ (1971:219), релациите се апстрактни чинители, а не конкретни целини, и може да се локализираат во просторот и времето само преку предмети/дела. Тие не мора да бидат егзистентни. Меѓутоа, доколку се извршуваат под одредени услови, може да добијат вид на константност, општост и нужност, што значи може да имаат општ карактер. Како што е посочено, релациите имаат разни својства, од кои од особено теоретско и научно значење се рефлексивноста, симетричноста (версус асиметричноста) и транзитивноста. Релациите имаат свој домен (област на дефинираност), кодомен (област на вредност), комплементарност итн. , и се во тесна врска со структурите на системот.
Од овие причини произлезе потребата за разликување на внатрешните и надворешни релации. Имено, внатрешните релации се оние кои стојат во меѓусебниот однос и врска во еден објект –(врската не е идентична со релацијата туку е само специфичен вид на релација помеѓу два објекта) – и тие се инваријантни спрема трансформацијата на референтниот систем. Со надворешните релации е обратно.
Освен ова појмовно одредување, кое се искристализира дури во современото доба, неопходно е, макар и во вид на напомена, да се потсетиме на две битни прашања и проблеми согледани пред се во хоризонтот на филозофското мислење, што е случај и со идентитетот. Теоретски посматрано, идентификацијата подразбира егзистенција. Тоа е нужно за да се отстрани секое сомневање или двосмисленост за она за што се говори. Најниското ниво на идентификација почнува со прашањата: кој?што?кои?(каков?). Истите прашање се појавуваат и во разни други равни и нивоа на промислување на идентитетот и реферирањата за него. Во одговор на тоа прашање влегуваат покажувањето, описот и заклучокот, при што мора да бидат исполнети соодветни услови, меѓу кои се интенцијата на говорникот или авторот на текстот, неговите способности да опишува, објасни и разбере предметот кој го реферира, методите кои ги користи и средства со кои се служи, итн. Тоа е од особено значење кога се зборува за идентитетот на поединецот и колективните идентитети.
Филозофските и научно-емпириски истражувања покажуваат дека зачетокот на свеста за човечкиот род не бил туѓ на ниеден народ, што значи ни на Ромите. Многу филозофи, меѓу кои и етичарот Милан Кангрга („Шпекулација и филозофија“) го наведуваа примерот на Едип кој предизвика рушење на Сфингата како симбол на гатанка, бидејќи претходно го одгатна најважното прашање за човечкиот живот. Mutatis mutandis, тој зачеток на човечкиот, не само европски дух, како што тврдеше Хегел – содржан е и во самото име Ром, кое е едно од значењата за „човек“. Иако тоа прашање е темел и светилник на филозофијата и „Аријаднина нит“ на филозофирањето, човештвото за жал, е сеуште во мрак поради тоа што човечкото се подриваше и сакатеше со илјадници години, а сликата на човекот и неговиот свет беше не само створена и изградувана, туку и многу често разурнувана, затварана и замаглувана. Удел во тоа имаат и оние луѓе кои извршија големи зла, затоа што никогаш не можеа да се решат да бидат лоши или добри, да чинат добри или лоши дела, како што напиша Хана Арендт („Живот на духот“, 2010:213), нарекувајќи го тоа за „тажна вистина“.
Конструкции на идентитетот. Во тој историски вртлог и кошмар настанаа разни теории и апории за идентитетот. Одвоен од живиот дух на човекот, идентитетот е правен со помош на конструкции. Од тоа произлезе одвојувањето на луѓето од нивното родно битие, кое е извор на еманципаторската свест и делување. Како субјект на сознание, субјект на доживување и субјект на делување човечкото битие открива дека највисока задача на човекот е да се биде човек. Ако човекот е затворен во „кафезот“ на племето, народот или нацијата, кои се најчести последици на конструкции, тогаш тој се наоѓа во рамка ама е лишен од вистинскиот темел. Со тој конструиран „идентитет“, кој ја затрива обдареноста на човековата природа за подобро и послободно, човекот е обично редуциран на „духот на сеќавање“ и се појавува како безбитно битие.
Критичките преиспитувања покажаа дека врз основа на претставата за „лажен идентитет“ – кои почиваат на теориите за празно, апстрактно или лош тоталитет – напишани се многу книги и студии за расите, етничките групи и народите. Многу од тие книги претставуваат своевидно сведоштво за нивните автори, нивните теориски погледи и уверувања, како и за духот на времето во кое тие книги се напишани. Голем број на автори како да ги продуцирале своите текстови со цел да го заѕидаат човекот во субјективитетот на расата, етносот и нацијата. Субјективните проекции во тие текстови, кои се предмет на анализа во современата социологија, отежнуваат, а дури понекогаш и оневозможуваат да се согледа човечката суштина и неговата способност за прекорачување на својата субјективност. Критичките анализи покажаа дека нивните автори наместо човечка и друштвена стварност, најчесто предочувале „ареали“ на фетишизираниот субјект, и луѓе без историја. Ако е историјата навистина правото место на случување на процесите на очовечување на човекот, тогаш човекот лишен од историчноста, е лишен од човечноста.
Ромите се со векови третирани како „вечни номади“, односно „народ без историја“, што често се чини и денес. Од таквото набљудување и третирање на луѓето и народите како аисториски битија произлегоа гледишта дека Ромите се „суштества од пониска раса“. Во нивниот живот и делување едвај се препознаваат одлики на човекот. Вовлечени во „кожата на циганската раса“, на Ромите им се припишува таа животна формула која под лупата на расистите е окарактеризирана како „подмукла до сржта“. (В. Дворниковиќ, Карактерологија на Југословените, с. 243.) Или, во друга крајност, нивниот живот и делување се предочуваат како облик и врста на своевидна мистика. Помеѓу тие крајности, идентитетот на Ромите се сенчи со разни други бои. Таа слика, наспроти насловот на делото на Nietzsche „Menschliche Allzumenschliches“, би можела да се нарече „ Човечко премногу нечовечно“ или дури „ Нечовечно премногу нечовечно“.
Поаѓајќи од мислите на Claude Levi Strauss дека „антропологијата е прагрев на расизмот“, врз основа од читањето на многу такви книги и текстови, јас се убедив и уверив дека циганологијата ги претставува најстрашните гревови на расизмот и неговите највисоки врвови, можеби дури и гревот на сите негови гревови и неговиот највисок врв. „Логосот“ е во таа синтагма непрестано обезначуван и обезсмислуван. Од многубројните значења кои ги има тој старогрчки збор и поим како што се моќ на мислење, ум, говор, смисол, услов, разлог, закон, научен став, Бог итн, итн. , во синтагмата циганологија „логос“ задржа само две значења: фама и изговор. (Улогата на фамата и изговорот во историјата на тоталитарните идеологии, нарочито во нацизмот, беше тема на многу научни истражувања. Фамата има значајно место на пример во книгата „Das Jahr Null“, „Нулта Година“ на Edgar Moreno, која го третира прашањето на денацификација.)
Втемелена од самиот почеток во расизмот, циганологијата има повеќевековна традиција во Европа. Мистификацијата криминализирањето на Ромите се нејзин главен резултат. Лажниот идентитет на Ромите, кој е створен најпрво во Германија – (и тоа во време кога славниот филозоф Immanuel Kant го дефинира поимот самосвест како прв синтетички суд во човечката мисла, кое потоа во Хегеловата „Феноменологија на духот“ се искристализира како акт на признание) – а потоа и во другите европски земји, од страна на таканаречените научни истражувачи, „циганолози“ и „џипсилози“, односно хомо антициганус-и,има исклучително опсежен домен, типичен и јасно препознатлив кодомен, како и разни комплементи, кои се плод на теолози, криминолози и криминалисти, лингвисти и филолози, книжевници и уметници, публицисти и новинари, правници, политичари, црквени великодостојници и државници итн. Тој лажен идентитет и претходеше на нацистичката конструкција и расна номенклатура на др. Robert Ritter, директорот на берлинскиот Раснохигиенски институт во Хитлерова Германија, која потоа послужи како основа за донесување на одлука за „конечно решение“ за Ромите и за упатување на повеќе стотици илјади припадници на тој народ во нацистичките концентрациони логори.
Но, и покрај тоа застрашувачко искуство, кое кулминира со холокауст на Евреите и Ромите, со конструирањето на лажниот идентитет на Ромите се продолжува и после Втората Светска Војна.
Четири дискурси. Библиографскиот преглед на објавените книги и текстови во европските земји во периодот од 1945 до денес, покажува дека за Ромите се пишува се до крајот на 70-тите години на минатиот век претежно така како што за нив се пишувало и зборувало во периодот од 1700 до 1930 година. Ernst Tugendhat, германски филозоф, напиша во предговорот на книгата „Во Аушвиц уморени, до денес прогонети„ (In Auscwitz vergast, bis heute verfolgt“, 1979:9): „Die Zigeuner werden noch heute als Untermenschen zwar nicht offen bezeichnet, aber empfunden und behandelt“. Односно, „Циганите и денес се третираат како ниски битија, иако не се означуваат така отворено“. Тоа не е само последица на односот кон Ромите, туку е така заради тоа што тоталитаризмот не е никаде целосно детотализиран, па продолжи да живее во многу сегменти и пори на општественото битие. Затоа, опстануваше и опстанува како дел и елемент на структурата на човечката и општествена свест, која се пројавува и во научно-истражувачките текстови за Ромите и нивниот идентитет.
За илустрација, ќе изложам неколку примери.
- Германските историчари Joachim S. Hohmann, Michale Zimermann и Wolfgang Wiepermann документирано пишуваа за Herman Arnoldt кој за идентитетот на тој народ објави книга во 1958 година, користејќи материјали и крвни анализи на Ромите од времето на нацизмот.
Hans Joachim Doring, превземајќи ја нацистичката слика за идентитетот на Ромите, објави книга за криминалитетот на Ромите исто така во педесеттите години. Во таа книга (Zigenuer: с. 2), тој, покрај другите, го постави и ова прашање: „ Дали кај многумина повеќегодишното заточеништво во концентрационите кампови… придонесе кон подобрување на нивното однесување кон седентарното население, или после ослободувањето тие повторно станаа криминалци…?“
Sophie Ebhardt, која докторираше кај Theodor Millison, чиј што докторант беше и Josef Mengele, после Втората Светска Војна стана професор на универзитетот во Тибинген, иако беше најблизок соработник на др.Ritter. Се до 1981 година таа ги користеше „антрополошките материјали“ на Ромите од Аушвиц – Биркенау, за своите квазинаучни студии за телесните одлики на Ромите. Тоа го правеше со обилна финансиска поддршка на реномираната Германска Истражувачка Заедница, DFG!!!
- Австриската историчарка Erika Turner предочи истражувања на Johannes Knobloch за ромските дијалекти. Тој како следбеник на нацистичката идеологија, собираше материјал и од ромските заточеници во логорите. И тој продолжи несметано да се бави со научно-истражувачка работа во повоениот период, се додека Друштвото во Келн во 90-тите години на минатиот век не поднесе пријава за негово процесирање како воен злосторник.
- Створените слики за „идентитетот на Ромите“ беа институционализирани во поедини земји на средна и северна Европа се до 90-тите години на минатиот век. Vaclav Havel и останатите потписници на Карта 77, објавија дека околу 15.000 Ромки беа стерилизирани во повоена Чехословачка. Како што е објавено во документите на Советот на Европа, таа мерка е исто така применета во Шведска и Норвешка.
- Во Унгарија, со цел утврдување на „идентитетот на Ромите“, со децении се правеше анализа на крвта на Ромите. На основа на тоа се „докажуваше“ идентитетот на Ромите и се опишувани нивните „типични физички и ментални својства“.
- Во романот „Мостот на Дрина“ соопштено е следното мислење: „Циганот е, створение без крст и душа, па ниту можеш да го кумиш ниту да го братимиш, ни со ништо на земјата или на небото да го колнеш“. Во 1990 година е објавено репринт иданието на „Карактерологија на Југословените“ од Владимир Дворниковиќ, книга во која е презентирана најцрната слика за „психологијата, карактерот и идентитетот“ на Ромите. На почетокот на 2000-та година, поедини школски психолози на белградските средни училишта јавно се пофалија дека го утврдиле „циганскиот IQ“!
- Примери на газење на сите теориски, научни и човечки принципи и вредности дадоа дури и оние кои цел живот ги истражуваа Ромите, нивниот живот и јазик. Да кажеме, академик Раде Ухлик, кој преку истражувањето на ромскиот јазик стекна интернационална репутација во научните кругови и беше член на британското Кралско научно друштво. Во текстот „Забелешки за ромските гласови“ (Сараево, 1981:263), откако првично констатира дека српскиот јазик во „устите“ на Ромите е „премногу изложен на тортура и осакатување“, го дава следниот суд: „Тие се негација на секоја норма, секоја форма… Лабавата артикулација на консонантите и некоја криминална безгрижност, тоа се виновниците за сите деформации и таканаречената корупција на обликот во лексичката ризница на тој примитивен свет. За дегенерацијата на говорните орудија(!) ни говори, покрај многуте лоши знаци, и регресијата на денталите…“ Ухлик потоа изведува заклучок: „ Како што се истакнуваат, етничките групации кои дегенерираат, се бројно, ама квалитетно послабо потомство, така, слично на тоа, и речникот на ромската заедница се одликува со несразмерно голем избор на паралели и нијанси, кои се, меѓутоа, често морбидни и отпадни“.
Да не е тажно би било смешно. Последниот, како и претходните примери, кои се тотална негација на науката, се илустрација и доказ дека секој исказ има сериозни последици на идентитетот и имиџот на луѓето. Има, затоа што реферираните изрази за идентитетот се референци со значење и смисол, односно да претставуваат вреднување на луѓето и народите.
Втората група е сочинета од книги и текстови за Ромите во кои експлицитно или имплицитно се оспорува егзистенцијата на објектот, односно на елементи на нивниот идентитет. Поедноставно кажано, се тврди дека Ромите немаат „своја“ вера, „свој“ јазик, „своја“ материјална и духовна култура, дури ни „своја“ музика. Во голем број на случаи тоа го прават оние кои воопшто не говорат ромски јазик, кои не ја познаваат книжевноста, традицијата и културата на тој народ. Во суштина, тоа е другата страна на една иста медаља. Или пак филозофски кажано, станува збор за конструирана слика која покажува час присаство на отсутност, час отсуство на присатност. Rolan Bart во книгата „Книжевност, митологија, семиологија“ оцени дека авторите на такви текстови го негираат всушност смисолот за постоење и животот на луѓето и народите. Тоа беше карактеристика и одлика на колонијалните антрополошки школи, во кои настанаа разни теории за идентитетот на потчинетите народи. За разлика од првите, кои ги заслепи биомоќта, овие вторите се репрезенти на концептот за културна премоќ. Во основа и едните и другите тежнеат кон ослободување од одговорноста за правење зло врз немоќните.
Визуелното прикажување на Ромите е карактеристично за „ времето на сликите на светот“ како што современото време беше „дијагностицирано“ од Martin Heidegger. Антициганистичкиот дискурс во визуелното репрезентирање не почива на концептот на опишување, туку за него е карактеристично идентификување низ набљудување и третирање. Во тоа се втасани методите на набљудување и погледите на воајерите. Во прв план се изгледот и особините на телото, бојата на кожата, облеката, однесувањето, реакциите итн. Значи, во тој оптички квадрат доминира физичко-афективната равнина, равнина во која се конструира единството на расата, културата и природата, и симболичката равнина, во која начинот на живеење и самиот живот се отсликуваат на митски, метафорички, метонимички, со намера да предизвика зачуденост, одвратност и гадење или да претставува некој вид на „забава под бесилките“. ( Во разговор со еден претставник на визуелната уметност, поставив прашање: Зошто не би се прикажувале и Роми кои се професори на универзитети, лекари, адвокати или успешни луѓе? Тој одговори: „Се што е нормално во светот на Ромите не е уверливо и не може да биде интересно за денешната јавност!“)
На крајот, тоа се најновите генетски истражувања, кои ја опфаќаат и ромската популација. Податоците од книгата „Антропологија на Европа“ кои се однесуваат и на Ромите тек допрва почнаа да се интерпретираат. Сосем е реално да се очекува дека тие текстови ќе бидат основа за стварање на една нова слика за нивниот идентитет. Посветли или помрачни од другите? Не сум сеуште спремен да одговорам на тоа прашање.
Ликови во огледало. Идентификацијата на текстови и нивното категоризирање во четири групи, помеѓу кои постојат и разни подгрупи, врсти и подврсти, ствара огледала во кои се гледаат ликовите на нивните автори. Многу од нив не ги познаваат (или не сакаат да ги знаат) ниту европските ниту индиските филозофско-теориски гледишта за идентитетот. Нив им е сосем страно гледиштето по кое мислењето не би било можно без свеста како свест за себе. Тие не гледаат ниту знаат дека во својот бескраен процес, мислењето ја актуелизира разликата, која е дадена во свеста како суров факт (factum brutum); и дека свеста единствено во тој хуманизиран облик покажува истакната одлика за некој кој не е ѕвер, туку е човек, како што го објасни Hana Arendt во книгата „Живот на духот“ (2010: с. 222).
За самосвеста, која припаѓа само на човекот, знаат како индиските, така и европските филозофи. Како збор и поим самосвеста е содржана и во ромскиот јазик. За тоа, покрај другото, сведочи рефлексивната заменка (pe)s, (pe)sko, себе кое има, како и српската рефлексивна заменка себе, си, етимолошко гнездо или порекло во индоевропски корен sue, suo, свој, како и разни други значења, меѓу кои е и она кое значи слобода. (Петар Скок, Етимологиски речник на хрватски или српски јазик, III, с. 211). Човекот уште во прастаро доба го разликуваше знаењето од свеста и самосвеста, кои налагаат да се прави добро и избегнува злото, и на кои, следствено на тоа,се инхерентни заповедите и забраните, кои се олицетворение на духот во светот и вкоренетоста на човекот во заедницата. Увид за поврзаноста самосвест-слобода-слободно делување и живеење на човекот во заедницата, кој е плод на доцната европска филозофска мисла, постои, значи, како зачеток веќе во самосвеста на прастариот човек. Изненадува што лингвистите и филозофите кои пишувале за Ромите и нивниот јазик не биле дури ни известени за тоа! Или, како би кажал Милан Кангрга, бидејќи се духовно слепи, тие се неспособни да видат Дух во другиот, се обидуваат да му го ископаат тоа „ свевидно око“ и го држат затворен во мрачен простор.
Многу текстови за Ромите и за нивниот идентитет сведочат исто така дека нивните автори едвај знаат нешто за социолошко-теориските поставки и сознанија, во кои „алфа“ и „омега“ е ставот дека секоја општествена заедница е пред се заедница на луѓе. Секоја, па и ромската. Како и сите други, и таа настана на одреден простор и живеела во дадени природни околности и во рамките на одредени општествено-историски услови и прилики. Што значи, како организирана група на луѓе, таа со своето делување задоволува индивидуални и заеднички потреби, остварувала одредени цели итн. Односно, нејзините припадници живееле во друштво, како структуиран систем, во кој владеел одреден поредок, што им овозможил побрзо и поуспешно да се ориентираат, прифатат одредени норми, вредности и содржини, кои се исполнети со значење, што придонесе нивниот живот да постане поопштествен и посмислен. Смисолот е секогаш извор од кој се раѓа потреба и увид за промени во животот. Човекот е суштество кое се раѓа во секоја заедница, и со самото тоа човечкиот свет како целина е корелат на животот на луѓето во сите општествени групи, па и во ромската заедница. Секое друштво, па и ромското претставува свет на животот, кој според сфаќањата на Jurgen Habermas (“Theorie des kommunikativen Handelns”), е концентрирано на комуникативно делување. Во секое друштво conditio sine qua non се три компоненти: културата, општеството и личноста. Доведени во меѓусебен однос со компонентите на делување се усмерени кон достигање на разбирање, анализата на тие структурни компоненти овозможува увид во процесите на културна репродукција, општествена интеграција и поопштествување. Во тој контекст, идентитетот е, според објаснувањето на Habermas, всушност самосвест и способност за интеракција.
Научно-теориски парадигми. Покрај филозофските гледишта за самосвеста и идентитетот, темата на овој труд изискуваше да се посвети внимание за најзначајните дела во чие средиште се прашањата и проблемите на идентитетот. Тоа се пред се делата на Herbert George Mead (1863-1931), Erik Erikson (1902-1994), потоа на современите теоретичари Lothar Krappman, Hans Peter Frey, Karl Hauser, Erving Goffman, Edward Said (1935-2003) припадник на школата на Jacques Derrida и Michel Foucault, Homi Bhabha и другите претставници кои предупредуваат за опасностите кои произлегоа од теоријата за биолошко, социјална и културна нееднаквост на расите и народите. Од делата на споменатите автори произлегува дека човечкото гледиште е единствено гледиште кое овозможува правилен пристап кон прашањето за идентитетот на Ромите, кој настана и се развивал на темелите на духот, заедно со јазикот, во конкретна општествено-историска стварност и ситуација. Тој „прото-идентитет“ е формиран во времето кога живееа во Индија. После егзодусот, кој започна после воениот пораз во 1192 година, тој идентитет е деструктуиран. Елементите кои останаа сочувани до денес, како што се колективното сопствено име, многубројните машки и женски имиња, јазик, кои беа општествено условувани и настанати во одредено историско време, предочува сеуште фиксирани искуства и размена на знаења, потоа разни елементи на религијата, културата и уметноста итн. се духовно и материјално сведоштво на тој нивен, условно именуван, „прото-идентитет“. Една ромска изрека гласи: “O manushikanipe kerel te o manush te ovel manush. O rromanipe kerda te o mansuh sikadol sar Rrom!”(„Човечноста чини човекот да биде човек. Ромството придонесува човекот да се појави како Ром!“). Тој идентитет значи има дијахрониска и синхрониска димензија. Дијахрониската димензија предочува промени со текот на времето, односно на таа вертикала се отсликуваат односите помеѓу општото, посебното и поединечното. Синхрониската димензија е хоризонтала на која се гледаат односите меѓу деловите и нивното структуирање и деструктуирање. На гледиштето на Lotha Krappman, професор на социологија во Кил, кој вели дека јазикот има примарно значење во формирањето на личниот и колективниот идентитет придавам посебен значај. Ромите се еден од највпечатливите примери за тоа гледиште. Јазикот има пресудна улога во процесот на интеракција. Јазикот го чува и обезбедува функционирањето на системот од заедничко значење, кое е секогаш комплекс на релации. Имено, значењето ја предочува психичката диспозиција на субјектот, ментално значење; односот на знаците кон означениот објект, предметно значење; односот на знаците према другите знаци на даден систем, јазичко значење; односот помеѓу два или повеќе субјекти кои комуницираат и се во интеракција, социјално значење; односот на знакот и извесни практични акции, делување на субјектот, практично значење; и најпосле, односот на знакот и свеста, која се рефлектира, значење на самосвеста. Меѓутоа Ромите се непрекинато во интеракциски процес кој е „од другата страна на границата“ на нивниот свет. Имено, тие со векови живеат во свет, кој им прети и заплашува дури до опасност по живот. Тоа друго и поинакво ситуативно искуство, тие мораат исто така надситуативно да го преработуваат и генерализираат и да го вградуваат во својот идентитет. На таа основа може да настанат разни процеси и појави, почнувајќи од афирмација или затривање на когнитивната компонента на идентитетот, односно на самоконцептот; емоционални, односно потврдување на чувствата за самовредност или нејзиното гушење, слабеење или јакнење на мотивационата компонента, која ги отсликува контролните убедувања на поединецот према сопствениот и останатиот свет, односно однос на поединецот или групата кон колективниот идентитет. Бидејќи во идентитетот се одигруваат три многу важни процеси –развоен процес, процес на решавање на конзистенцијата и процес на континуитетот, на основа на анализата на тие процеси може да се дојде до спознавање на низа појави. Тоа е голем предизвик и задача за идните истражувачи на идентитетот на Ромите.
Идентитетот и историјата на Ромите. Историјата на Ромите е најсигурниот извор и ослон за студирање на идентитетот на Ромите. Историјата на Ромите е истовремено и историја на сите земји каде што живееа и живеат Ромите, во распон од политичка и правна, преку социјална, до историја на културата и уметноста. Сликовито кажано, таа е олицетворение на големата слика во малиот свет. Врз основа на анализата на историјата на Ромите, произлегува непобитен заклучок дека стигма идентитетот е преовладувачки идентитет на Ромите. Таа глобална етничка заедница, чии припадници живеат на азискиот, европскиот, америчкиот, австралискиот и афрички континент, има готово насекаде печат кој потсетува на знаците на срамот со кој старите Грци и Римјани ги одбележувале избеганите робови и злочинци. Најсилен печат кон Ромите е втиснат во Европа, континентот на просветеноста и колевка на демократијата и човекови права, но и на варварството, чиј што траен споменик стана Аушвиц. Положбата на Ромите во многу држави на Европа дури и денес потсетува на положбата на робовите. Тие со векови беа и останаа непризнати и имаа „статус на правно невидливи лица“, каков што имаа робовите на Рим. (За наш срам, тој статус денес го имаат мнгоу Роми-бегалци во Србија). Стигматизирани, тие се длабоко дискриминирани. Тие по правило живеат во гета, изолирано, и на секој чекор се соочуваат со видливи и невидливи препреки. Многубројни Роми влегуваат во таквиот свет веќе со денот на своето раѓање и со стигмата е одбележан нивниот социјален (надворешен), личен (внатрешен) и јас-идентитет. Тоа им го отежнува и оневозможува пристапот кон многу општествени, заеднички добра и вредности, ограничува интеграцијата и ги блокира промените. Затоа, тие имаат статус на парија (презрен човек, недопирлив), со сите синдроми кои се веќе опишани во литературата. Искуствата покажуваат дека стигмата може непрестано да се надополнува со разни негативни одбележија, а последиците на тоа се видливи на индивидуално ниво (поединецот нема удел во општеството), на ниво на интеракција (нема однос меѓу стигматизираниот и нестигматизираните), на ниво на идентитетот на поединецот и групата (се појавува дистанца од својот колективен идентитет во форма на етномимикрија, криење на идентитетот, само-обвинување и само-омраза, итн.). Тој одбележан идентитет, кој има функција да регулира односи помеѓу мнозинството и ромското малцинство, може да има негативни последици и по мнозинското општество. Со спречувањето на развојот на тоа малцинство, се спречува сопствениот развој, а со обезначување на нормативно-вредносниот систем во тој општествен сегмент, постепено се предизвикува разурнување на целиот систем. Тоталитарните, недемократски системи, покажува историјата на Ромите, немаат способност да интегрираат. Оти, биолошката, социјална и културна нееднаквост, која се покажува во политичко и правната нееднаквост, се иманенти одлики на недемократските и тоталитарни системи, во кои неизоставно се појавува расистичката идеологија и тоталитарните групи, чие одбележие е “Blut und Boden”.
Заклучок. Темата за идентитетот на Ромите во рамките на научно-теориската парадигма покажува дека многу прашања и проблеми може да бидат разбрани само во сеопфатен историски контекст. Најпрво станува јасно дека науката не може да ги осмисли своите парцијални вистини без филозофското промислување. Од друга страна, филозофијата лишена од увидот во светот на праксата, не може да ги согледа своите заблуди, меѓу кои дуализмот беше и остана непрестано сенка на европската филозофија, која дури понекогаш ја распнува вистината. Не станува збор само за изопачена стварност. Не помал и полесен проблем е изопачениот субјект, кој се појавува во лик на филозоф или научник на оваа или онаа струка, се служи со изопачен јазик и непримерни методи и средства. Хегел предупреди дека оние кои ја стават вистината под нозе, всушност ја газат хуманоста. Секако, важи и обратното: патот до вистината е затворен на оние кои со омраза и презир зборуваат за луѓето и народите. Поради тоа – следејќи го духот на една филозофска мисла, која гласи „дури кога со мислење ќе се свртиме према мисленото, ќе бидеме способни да ја промислиме иднината“ – наша прва и недложна теориска и научна задача е да ги деконструираме текстовите на тие автори.
Без разлика колку и да била голема и возвишена работа, ослободувањето на вистината од оковите не значи истовремено и симнување на оковите од луѓето и народите на кого таа навистина се однесува. Додека тие живеат во дупки и сметлишта, вистината, дури и најпотполната и најдобрата, ќе изгледа како декор на бездушните прилики. Редно е, значи, за тоа светот да почне да се менува во корист и добробитта на оние кои се најмалку повластени, што беше секогаш најсигурен доказ за тоа на чија страна е вистината.
Додека нема да го дознаеме сигурниот одговор на прашањето кое во 1974 година го постави Habermas: Можат ли комплексните општества да изградат умски идентитет? – да се задоволиме со една стара ромска изрека: “Naj djives bi khamesko. Naj chachipe bi Devlеsko!” („Нема утро без сонцето. Нема вистина без Бога!“).






